Силна поддршка од бизнисмените од Стопанската комора доби денеска премиерот Зоран Заев да истрае на патот на интеграција на земјата во НАТО и ЕУ, што подразбира и поддршка за успешен референдум. Бизнисмените, како што рекоа, очекуваат и политичко помирување за да им се создадат безбедни услови за работа.
– Нѐ уверивте во потребите бизнис заедницата да ги поддржи напредните идеи на државата. Ги знаеме и ги цениме сите напори што ги направивте во изминатиот период. Бизнисот поддржува напредни идеи и ќе Ве штити на патот на интеграциските процеси – му даде ветување претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески на премиерот Зоран Заев на денешната трибина за перспективите на македонската економија преку членството во ЕУ и во НАТО.
Од Комората тоа и сликовито го прикажаа со три подароци за премиерот: маичка со ознака BMW која треба да значи дека на премиерот му е потребна моќна машина на патот кон ЕУ и НАТО, заштитен елек за грбот за да го обезбеди додека тој будно останува зад воланот додека вози на интеграцискиот пат и транспарентни елечиња за неговиот тим, за да не заборават на транспарентноста која ја ветија при изборот.
Сликовита и со посебна порака беше и најавата на трибината кога Азески ги праша премиерот Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев за мислење дали Македонија кон НАТО и ЕУ треба да се движи со брзина од 50 километри на час како „веспа“ или со 150 километри на час како мотор од типот БМВ на што премиерот одговори дека „тоа можеме да го постигнеме само со брзи мотори, односно со брзо движење на целата економија. Целта е по влегувањето во ЕУ и НАТО да возиме со голема брзина“.
– Македонија мора да направи квантен скок, да се качи на мотор од 1.600 кубика за да ја забрза својата перспектива, а тоа е можно само ако стане членка на НАТО и ЕУ. Верувам дека ќе успееме. Ова прашање е многу важно за сите, за земјава генерално, за граѓаните, но и за бизнисот. Не е исто да имате пазар од околу 1,5 милиони и пазар од 500 милиони жители – рече Заев.
Анѓушев, пак, рече дека „брзината од 50 километри на час е за минатото, иднината е во големата брзина и технолошкиот развој“.
Премиерот на трибината им порача на бизнисмените да го фатат моментот на развој на соработката со соседите Бугарија и Грција и да ги развиваат бизнисите.
Заев рече дека очекува раст на економијата во вториот квартал од 2,5 до четири отсто, со очекување дека по приемот во НАТО и посебно ЕУ растот ќе се движи над пет отсто.
– Тоа е можно ако прво, ние политичарите се потсредиме, и второ, откако, секако, ЕУ ќе нѐ подбере со камшик и ќе нѐ стави во калапите во кои треба да функционираме – рече Заев.
Заев додаде и дека економските показатели покажуваат дека стабилизацијата на политичката состојба и очекувањата на бизнисите на интеграциите во НАТО и ЕУ веќе даваат позитивни ефекти.
– Бројките кажуваат многу. Индустриското производство порасна за 8,4 отсто или само за 5,5 е растот во првите осум месеци оваа година во споредба со лани – рече Заев.
Тој нагласи дека прави сѐ за да обезбеди политичко помирување во земјава за да се постигне што побрз раст на економијата.
Бизнисмените, пак, оценија дека изминатата година економските состојби се значително подобрени, а по евроатлантските интеграции, очекуваат уште подобри резултати.
– Не треба да биде тема на разговор дали да се одлучиме за овој чекор, туку како максимално да го искористиме. Членството во НАТО и во ЕУ ќе донесе придобивки и одлични можности за македонската економија. Во првите декади нема да станеме богати како некои западни земји, но граѓаните ќе добијат шанса за подобар живот – рече Зоран Кочовски од „Алкалоид“.
Според директорката на конфекцијата „Комфи Ангел“, заедничкиот став на бизнисот треба да внесе повеќе енерегија во прашањето за референдумот.
Претседателот на Советот на странски инвеститори Штефан Петер говореше за позитивните и негативните ефекти по земјата од прифаќањето и одбивањето на евроатланските интеграции.
– Ако сега Македонија не ја искористи шансата и не стане дел од ЕУ и НАТО, разочарувањето кај младите ќе се зголеми, иселувањето ќе се интензивира, ќе се намалат странските инвеститори, извозот и вработувањата исто така ќе се намалат, а можна е и нова политичка криза, како и закана по безбедноста. Ќе се изгубат и 1 милијарда евра ЕУ е подготвена да ѝ ги даде на Македонија по евентуалното членство – рече Петер.
На трибината беа отворени и политички прашања кои директно влијаат на работењето на бизнисите како договорите со Бугарија и Грција, за кои премиерот Заев рече дека се направени во вистинското време кога се решаваат и други политички прашања во регионот, кога ЕУ е свртена кон западен Балкан и кога на власт се лидери кои имаат сила и се решени да ги решат проблемите без да размислуваат за сопствените кариери.
Посебно беше покренато и прашањето за договорот со Грција.
– Нема интеграција во ЕУ и НАТО без целосно решени прашања. Апсолутно, 100 отсто сум сигурен дека Договорот со Грција е добро завршена работа. Придобивките допрва ќе се почувствуваат. Наше е само да го следиме духот на градење пријателство – рече Заев.
Тој додаде и дека меѓународната заедница е гарант дека двете земји ќе го почитуваат потпишаното.