Аеродромите во Скопје и Охрид се меѓу најбрзорастечките на светско ниво

117

Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид, со 17,8 отсто пораст на бројот на патници во август годинава, се меѓу најбрзорастечките аеродроми на светско ниво, како и во групата држави кои не се дел од ЕУ, објави Меѓународниот совет на аеродроми-Европа (ACI Europe) во најновиот извештај за аеродромскиот сообраќај.

Како што информираат од ACI Europe, aеродромите во Украина, со раст од 25,1 отсто, С.Македонија со 17,8, Албанија со 13, Босна и Херцеговина со 12,1 и Србија  со раст од 12 отсто, се водечки пазари во групата земји што не се дел од ЕУ, според порастот на патничкиот сообраќај.

Според анализата на организацијата, скопскиот аеродром со 11,1 отсто пораст на патничкиот сообраќај е меѓу најбрзорастечките поголеми аеродроми во главни градови на земјите кои не се дел од ЕУ, а имаат највисоко зголемување на бројот на патници во август годинава и е во друштво на: Бориспил во Киев, Анталија, Тирана, Сараево и Шереметјево во Москва.

Охридскиот аеродром, пак, со 60,9 проценти пораст во патничкиот сообраќај во август годинава, е еден од најбрзорастечките аеродроми во групата на мали аеродроми со под пет милиони патници годишно, веднаш после аеродормите во Ниш, Турку, Харков, Задар и Мемингерберг. Исто така, охридскиот аеродром, е еден од 20-те аеродроми во светот со највисок пораст во патничкиот сообраќај во август 2019 година, разгледуван во четвртата група на ACI каде што се и аеродромите: Таргу Мурес (168,9 отсто), Таранто (163,6 отсто), Фогиа (105 отсто) и Ниш (61,1 отсто).

 

– Извештајот за сообраќај на Меѓународниот совет на аеродроми-Европа уште еднаш ги рангира македонските аеродроми меѓу најбрзорастечките во својата категорија и во групата на држави што не се дел од ЕУ. Ова ја покажува постојаната напорна работа и заложбите на ТАВ Македонија и на ТАВ Аеродроми кон развој на мрежата на авиолинии на аеродромите во Скопје и во Охрид, привлекувањето нови авиокомпании и промовирањето на Македонија како туристичка дестинација. Ќе продолжиме да го подобруваме и усовршуваме квалитетот на нашите услуги и да одржуваме задоволството на патниците на високо ниво – изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Според статистиките за воздушен сообраќај на холдингот ТАВ аеродроми, двата македонски аеродрома ги завршија првите девет месеци од 2019 година со над два  милиона патници (2.052.829) и 13 отсто пораст на бројот на патници на годишно ниво, додека за истиот период (јануари – септември) бројот на летови бележи пораст од 10 отсто, односно достигна 16.895 летови.

Најфреквентни дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје во првите девет месеци се Истанбул (двата аеродроми – Истанбул и Сабиха Гокчен) со 9,9 отсто пазарен удел, Цирих (6,3 отсто), Виена (5,8 отсто), Базел (5,3 отсто), Малме (4,1 отсто). Најмногу превезени патници има Виз Ер, коишто во периодот јануари – септември годинава имаат пазарен удел од 62,2 процента, а потоа следат Туркиш ерлајн, Аустријан ерлајнс,….

– Извонредните резултати на скопскиот и охридскиот аеродром се постигнати во временски период кога ACI Europe објави просечен пораст на патничкиот сообраќај од 3,4 отсто во август 2019 за географскиот регион на Европа, кој е понизок од порастот во август 2018 година (5,1 процент), што пак е одраз на помалку поволните услови за бизнис на европските аеродроми – велат од ТАВ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...