Адеми ќе присуствува на премиерата на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во Берлин

163

Министерот за култура Асаф Адеми престојува во работна посета на Берлин, каде што во рамките на 69-тото издание на меѓународниот Берлински филмски фестивал ќе присуствува на светската премиера на новиот македонски филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска. Ова го соопштија од Министерството за култура.

– Во рамките на посетата, министерот Адеми ќе оствари работни средби со претседателот и со извршниот директор на „Еуримаж“, Катерине Траутман и Роберто Ола, со Матис Воутер Нол, директор на Европскиот филмски маркет кој е еден од трите најголеми филмски маркети во светот, како и со Лусиа Рикалде, раководител на секторот Креативна Европа – Медија на Европската комисија при Генералниот директорат на Комуникациски мрежи, содржина и технологија. Министерот за култура Адеми, за можностите за промоција на македонската филмска уметност ќе разговара и со Херолд Е. Третенбреин, раководител на секторот Креативна Европа – Медија во ЕАЦЕА – извршна агенција за образование, аудиовизуелни уметности и култура на Европската Унија – стои во соопштението.

Оттаму додаваат дека „годинава филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ е избран во официјална конкуренција на годинашното „Берлинале“, со што по пауза од 25 години, македонски филм повторно ќе биде во главна селекција на филмски фестивал од А-категорија. Премиерата на филмот е закажана за утре. Македонски ден ќе се одржи вечерва во организација на Агенцијата за филм, а ќе присуствува и Адеми“.

– На филмскиот фестивал „Берлинале“ Република Македонија учествува и во други две програми. Имено, актерот Благој Веселинов е избран во програмата „Филмски ѕвезди“ (Shooting Stars), а актерката Сара Климоска е дел од „Берлин таленти“ – се наведува во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...