Со СОНК имаме коректен и конструктивен социјален дијалог и ќе го продолжиме. Ќе ги разгледаме сите податоци и аргументи и во партнерски однос со Синдикатот ќе одлучиме како Влада за идното покачување на платите на наставниците, изјави министерот Арбер Адеми при посетата на ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче.
Го почитува синдикалното организирање и одлуките на СОНК, но како министер за образование и директно вклучен во политиките за креирање подобар национален образовен систем обврска му е, како што рече, да ги повикува учениците и наставниците да дојдат на првиот училишен ден и притоа им посака успех во претстојната учебна година.
За медиумите Адеми изјави дека не знае во колку училишта се штрајкува, но оти во добар дел новата учебна година почнала нормално и со организирање приредби за првачињата.
– Немам информација во колку училишта се штрајкува зашто уште е рано, но знам дека во добар дел првиот училишен ден се одвива на нормален начин, се организираат приредби и очекувам така и да продолжи – изјави Адеми во ОУ „Лазо Ангеловски“ кое го избрал за посета на првиот училишен ден бидејќи МОН таму за реконструкција има инвестирано речиси 10 милиони денари.
Како и на вчерашната прес-конференција, повтори дека нема причина за штрајк зашто Владата, како што рече, е силно ангажирана да го подобри статусот на наставниците и дека од август 2018 до овој септември платите на наставниците се зголемени над 10 отсто со двете покачувања од по пет проценти.
– Оваа година почнува поинаку, имаме нов закон за основно образование, кој третпат по осамостојувањето на земјата е целосно нов и донесен без ниту еден глас против. Имаме нов Закон за наставници и стручни соработници кои недостигаше во државата. Имаме второ покачување на платите за една година за дополнителни 5 проценти и септемвриската плата споредувајќи со августовската плата во 2018 е покачена за 10,8 проценти. Повеќе пари за 1,3 милијарди денари за основното и средното образование во 2019 споредено со 2017 година. Целосно реформирано средно стручно образование, нови наставни програми по одделни предмети и нови капитални инвестиции во училиштата – истакна Адеми.
На најавите од СОНК дека денешниот предупредувачки штрајк од октомври може да стане генерален ако нема заемно прифатливо решение на нивното барање за плати повисоки до 25 проценти, Адеми одговори дека не очекува дека ќе дојде до тоа зашто, рече, се движат во добра насока.
– Очекувам да не дојде до тоа. Сумите што ги соопштуваме се добар показател како се движиме. Не е малку над 1,3 милијарди денари повеќе за основното и средното образование за две години. Затоа нема причина за организирање штрајк. Тој се организира кога нема решение, ние имаме и нудиме решенија. Се движиме во добар правец, така ќе продолжиме и во следниот период – нагласи Адеми.
Покрај „Лазо Ангеловски“, тој денеска е во посета и на ОУ „Бајрам Шабани“ во село Кондово во Сарај, каде што исто така, како што рече, МОН има значителна капитална инвестиција.
Според директорот на „Лазо Ангеловски“ Перо Арсеновски, во нивното училиште работата денеска почнала во 7.30 и имале настава со вишите одделенија од петто до деветто. На новинарско прашање одговори дека имаат обезбедено просторија за штрајк, но дека не гледа, како што рече, некој што е заинтересиран за штрајкот.
– Има многу, многу мал број. Јас не се инволвирам, ниту сакам. Според мене, покачувањето никогаш не е доста, меѓутоа во моментов тоа е тоа, други го кажуваат тоа – рече директорот на ОУ „Лазо Ангеловски“ во кое настава следат 1490 ученици, а 198 оваа година се првачиња.