Следуваат возбудливи филмски денови со избор од шест долгометражни филмови за кои верувам дека ќе ги задоволат вкусовите на македонските филмофили, порача
министерот за култура Асаф Адеми синоќа во Кинотеката на Македонија каде присуствуваше и се обрати на свеченоста по повод почетокот на манифестацијата „Недела на современ дански филм“, во чии рамки ќе биде прикажан исклучителен избор од современата данска кинематографија.
Адеми, кој дел од својот професионален ангажман поминал како амбасадор на Република Македонија во Кралството Данска, во своето обраќање истакна дека односите на Република Македонија со европските земји, вклучувајќи го и Кралството Данска, се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и доверба. Затоа, од особено значење е да се запознае дел од данската култура, која е уникатна, а да се види придонесот што го дава данското филмско творештво за светската кинематографија, е нешто навистина значајно.
– Оваа манифестација ќе овозможи публиката да го збогати своето познавање за едно, за нас, не толку многу блиско општество, да ги задоволи своите интереси и љубопитност, поблиску да се запознае со данската култура и традиција, со данскиот начин на живот и да извлече позитивни искуства кои ќе можат да ги применат овде, во Република Македонија – рече министерот за култура.
Тој изрази уверување дека оваа манифестација, која е само почеток, ќе наиде на голем интерес кај македонската публика и дека во иднина ќе се реализираат уште многу проекти кои ќе придонесат за зближување на културите на двете земји.