Адеми: Заживување на културата и среќни културни работници

98

Заживување на културата во сите делови на Република Македонија, а особено во помалите средини, културни работници кои се среќни и институции кои нема да рефлектираат национализам…Ова се дел од приоритетите на министерот за култура Асаф Адеми, кои ги презентираше попладнево на средба со новинарите.

Тој појасни дека нема да се финансираат проекти кои поттикнуваат национализам и етнички поделби и додаде „ако сакаме да градиме едно општество за сите на тоа треба да внимаваме“.

Осврнувајќи се на престојната манифестација „Нов културен бран“, која ќе трае од 1 септември до 15 октомври, потенцира дека завршил конкурсот за учество во финансирање проекти, а во Министерството за култура пристигнале 464 пријави. За манифестацијата, појасни, ќе бидат наменети 20 милиони денари, а во моментов заседава комисија која ќе ги распореди овие средства. На 1 септември треба да бидат објавени институциите што ќе добијат средства.

Адеми истакна дека работат на новиот закон за култура, кој ќе има нов назив и ќе се вика закон за јавен интерес во културата, како и на новиот закон за културно наследство.

Ќе се избираат нови членови на комисии за годишната програма на Министерството за култура, кои, според Адеми, ќе мора да бидат морално чисти и од доверба. Тој најави нов начин на финансирање на годишните програми, за кое размислуваат да биде два пати годишно.

Министерството за култура навистина не е лесно за менаџирање и многу големи проблеми останале и треба да се решат. Треба да се провери каде има криминал во институциите. Ќе бидам среќен ако моето име не е дел од скандал. Ќе се обидам да бидам отворен со сите и да им помагам на сите. Целта ни е да заживее културата во сите делови на Македонија, додаде Адеми на средбата со новинарите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...