Адам Загајевски: Пишувањето не ми е тешко, непишувањето ми е многу тешко

„Поезијата не може да направи многу, но поезијата е некако важна. Луѓето ги слушаат поетите, но, сепак, тоа не е доволно доколку имате лоша влада. Поемата нема да ја запре лошата влада“.

260

Со полскиот поет Адам Загајевски, годинешниот лауреат на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, се сретнавме веднаш по доделувањето на наградата, во хотрлот „Дрим“ во Струга.

-Невозможно е лошо да се чувствувам, ова е многу убава награда, би кажал легендарна награда, бидејќи многу познати автори ја добиле, како Оден, Неруда, Монтале, Бродски, Хини, Транстромер, и многу други, и нема сомнеж дека е прекрасна награда, вели Адам Загајевски, во разговорот за Плусинфо.

Како би го опишале профилот на модерниот поет?

– Модерниот поет најчесто е наставник, некогаш професор, или новинар, многу малку поети можат да заработат за да живеат само од поезија. Сретнав еден поет во Мајорка, Шпанија, кој ми рече дека работи во супермаркет, а негова вистинска работа беше поезијата. Но, нему му беше потребна работа за живеење. Многу модерни поети се на маргините на општеството бидејќи тие никогаш не се на првите страници, немаат многу читатели. Тоа е уште една причина зашто Струшкиот фестивал е невообичаен, бидејќи ги става поетите во преден план.

Во беседата во Света Софија ја спомнавте безживотната академска поезија и спротиставената опасност, сервилната поезија која прифаќа наредби од комесари и партиски секретари, постои ли трета опција?

 Да, јас сум за третата опција, ниту да се биде академски поет ниту да се служи на моќта, на политичарите. Главната работа во поезијата е да се биде слободен, да се сочува слободата на изразот, на умот, да се биде добро образован, да се реагира, а некогаш и да им се помогне на луѓето да го разберат светот, на тоа треба поезијата да егзистира.

 Во вашите дела вибрираат зборовите егзил и татковина, татковината која ја загубивте во детството?

Јас го загубив мојот роден град. Лавов, градот во кој бев роден и кадешто живеев, во Украина.

 Од која станица да се патува до Лавов, ако не во сонот, во мугрите…/Но, само ако Лавов постои, ако може да се најде во рамките на границите/а не само во мојот најнов пасош…, забележувате во „Да се патува во Лавов“.

 

-Оваа е најпознатата песна, но и во други поеми пишувам за градот. Сепак, јас не сум поет на егзилот. Живеам во Краков, многу години живеев во Париз.

 

Која ви е првата асоцијација за домот сега?

-Краков. Апсолутно.

 

Велите музиката е сестра на вашата поезија, која е, тогаш, антисестрата?

 

-Лошата музика, музиката која не ми зборува ништо, која не ми се допаѓа. Сега има премногу музика во светот, а има и многу лоша музика. Не можеш да одиш во ресторан или во кафуле да разговараш, бидејќи музиката е прегласна, и монотона е.

 

Значи вие сте за класична музика и модерна поезија?

-Да, ја преферирам класичната музика, но сакам и многу други песни, како француските шансони, Леонард Коен, Битлси, Џон Ленон…, ми се допаѓа класиката во попот. Главно слушам класична музика, но не ја одбивам другата музика.

 

Кој е најтешкиот момент во вашата работа?

 

-За мене најтешки се моментите на тишина. Ми се случува дури и со месеци да не можам да пишувам и тоа ми е многу тешко. Пишувањето не ми е тешко, непишувањето ми е многу тешко. Кога сакаш да пишуваш, но ништо не доаѓа. Не можеш да си дадеш наредба на себеси. А, денес јас би напишал убава песна.

 

Мислите ли дека национализмот е во пораст во Европа?

-Да, за жал, постои тренд на враќање на национализмот. Национализмот, заедно со комунизмот, беа двете главни катастрофи во овој век. Фашизмот и нацизмот израснаа од национализмот. А сега гледаме враќање на национализмот, и во мојата земја. Не е доцна да се запре, но…

 

Како поезијата може да влијае на запирањето на национализмот?

 

-Добро прашање, поезијата не може да направи многу, но поезијата е некако важна. Луѓето ги слушаат поетите, но, сепак, тоа не е доволно доколку имате лоша влада. Поемата нема да ја запре лошата влада.

 

Можам да се опкладам дека мнозинството политичари во Македонија не читаат поезија и не ги слушаат поетите. Како тогаш поезијата може да влијае на општеството?

 

Мислам дека постои трансмисија. Некој новинар, на пример, не многу од нив, ама некои, ќе прочитаат поезија, потоа, студентите читаат поезија на факултетите, значи поезијата не е тотално отсутна. Таа наоѓа некој свој начин на кој може да дојде до луѓето. Не велам дека поезијата може да го спаси светот, не сум луд за тоа да го мислам, но не сум тотален песимист по ова прашање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...