Австрија ќе ги учи коморите од регионот на добри практики

Карин Кнејсл, министер за Европа, интеграции и надворешни работи во Австриската федерална Влада, потенцираше дека регионот е нераскинлив дел од економската и социјалната историја на Европската унија и дека процесот на приклучување на земјите од Југоисточна Европа кон ЕУ останува врвен приоритет.

63

Во Австриската федерална стопанска комора вчера официјално беше потпишан Меморандумот за соработка помеѓу Коморскиот инвестициски форум, Австриската федерална стопанска комора и Австриското федерално министерство за Европа, интеграции и надворешни работи, кое ја координира работата на Австриската агенција за развој.

Меморандумот обезбедува основа во следниот петгодишен период да биде обезбедена австриска поддршка и пренос на добри практики, вештини и know-how за шесте комори од земјите на Западен Балкан, од што директен бенефит ќе имаат компаниите од целиот регион. Активностите во рамките на соработката која ќе биде воспоставена ќе се фокусираат на три клучни сектори: забрзување на процесот на дигитална трансформација на компаниите од целиот регион на Западен Балкан проследена со едукација и тренинг во областа на дигитализацијата, развивање на заеднички програми на средно стручно образование, првенствено со фокус на областа на дигитализацијата, но и зајакнување на бизнис интегритетот на компаниите од Западен Балкан, преку промовирање на чесни деловни практики и спречување на корупцијата.

Во рамките на настанот, како што соопштија од Стопанската комора, претседателот на Комората и потпретседател на Коморскиот инвестициски форум, Бранко Азески, оствари работни средби со Карин Кнејсл, министер за Европа, интеграции и надворешни работи во Австриската федерална влада и Хералд Марер, претседател на Австриската федерална стопанска комора, како и со претставници на менаџментот на водечки австриски компании.

Карин Кнејсл, министер за Европа, интеграции и надворешни работи во Австриската федерална Влада, потенцираше дека регионот е нераскинлив дел од економската и социјалната историја на Европската унија и дека процесот на приклучување на земјите од Југоисточна Европа кон ЕУ останува врвен приоритет.

– Зајакнувањето на регионалната соработка и поддршката за овие земји на нивниот пат кон ЕУ треба да придонесе на луѓето од регионот да им се дадат нови перспективи, при што заемното признавање на квалификациите ќе игра клучна улога во овој процес. Австрија ќе го даде својот придонес особено преку заложбите во областа на дуалното образование – посочи Кнејсл.

За Македонија, Австрија е еден од дваесетте најголеми трговски партнери и еден од најголемите странски инвеститори во земјата, и, што е уште поважно, Австриската федерална стопанска комора долги години наназад е предводник на трендовите и позитивен пример за сите комори од државите на Западен Балкан, воведувајќи најдобри практики за унапредување на националните економии и предводејќи ги трендовите во областите на дигитализацијата и образованието, како два основни столба за услугите кои ние ги обезбедуваме за нашите компании-членки.

– Потпишувањето на Меморандумот е пионерски чекор за ревитализирање и унапредување на оваа соработка, која во една или друга форма ја имавме во регионот долги години наназад. Верувам дека австриските искуства и know-how во областа на дигитализацијата и дуалното образование ќе придонесат за унапредување на нашето работење, но ќе претставуваат и солидна основа за идниот развој не само на македонската економија, туку на економиите на сите држави од регионот на Западен Балкан, како целина – посочи претседателот Азески.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...