Новите министри во преодната Влада на Австрија денеска дадоа заклетва, а на местата, кои останаа испразнети по повлекувањето на членовите од редовите на Слободарска партија (ФПО), сега се наоѓаат експерти.
Во новата, преодна австриска Влада, Министерството за одбрана ќе го води воено лице, заменик-началникот на Генералштабот на војската на Австрија, генерал-потполковник Јохан Луиф, кој, инаку, беше во меѓународните мисии во Косово и во Босна и Херцеговина.
Него, како и другите експерти – високи државни службеници, ги предложи канцеларот Себастијан Курц.
Претседателот на Австрија Александар ван дер Белен, пред полагањето на заклетва на новите министри, рече дека поради вонредната ситуација во која се најде земјата сака на нови членови на Владата да им даде неколку совети и насоки.
-Демократијата значи барање на мнозинството со заштита на малцинствата, поради што е потребен постојан дијалог, воспоставување доверба и подготвеност за компромис за општото добро. Демократијата не значи наметнување на својата позиција. Политиката е занает кој бара почит кон другите, рече претседателот.
Тој потенцира дека политичарите во донесувањето на одлуките треба да ја имаат на ум стабилноста на земјата и нивните акции и зборови да не се предизборна кампања.
Австрискиот Парламент в понеделник ќе одржи вонредна седница посветена на аферата, која доведе до пад на Владата, односно на снимките кои се појавија во јавноста на кои може да се види дека досегашниот заменик-канцелар и претседател на ФПО, Хајнц Кристијан Штрахе на внука на руски милијардер и нуди државни услуги во замена за финансиска помош на неговата партија.
На седницата в понеделник, како што е најавено, повеќе опозициски партии би можеле да побараат гласање за доверба на Владата на канцеларот Курц, која треба да управува со државните работи до предвремени избори закажани за септември.