Најмалку 21 лице се повредени откако денеска авион при слетувањето на истанбулскиот аеродром „Сабиха Гокчен“ ја промаши пистата, се урна во поле и се распадна на два дела.
На телевизиски снимки можеше да се види скршен трупот на авионот и евакуација на патниците.
Турската телевизија НТВ извести дека авионот се запалил, но пожарот веднаш бил изгаснат. Истата телевизија информира дека авионот припаѓа на компанијата Пегасус ерлајнс и пристигнал од Измир.
Турското Министерство за сообраќај соопшти дека во авионот имало 177 патници и членови на екипаж. Министерството посочи дека до несреќата дошло поради груба грешка при слетувањето.