Рускиот милијардер Роман Абрамович, сопственик на фудбалскиот клуб „Челси“, кој не успеал да ја обнови британската виза, добил израелско државјанство и ќе се пресели во Тел Авив, изјавил портпарол од владата во Израел, објави британски „Гардијан. Портпаролот на милијардерот не ја коментирал информацијата.
Извори за „Ројтерс“ пак, изјавиле дека богаташот се соочил со необично одолговлекување на процедурата за обновување на британската виза, којашто му е истечена. Британската влада одбила да го коментира случајот.
„Гардијан“ уште забележа дека министерството за внатрешни работи на Израел потврдило дека Абрамович бил во израелската амбасада во Москва.
– Тој бил во израелската амбасада во Москва како и секоја друга личност, пополнил барање за имигрантска дозвила, неговите документи биле проверени согласно законот и беше потврдено дека ги исполнува условите – изјавил портпарол на израелската влада.
Роман Абрамович се сметаше за еден од најбогатите луѓе во Британија откако во 2003 година го купи прволигашкиот фудбалски клуб. Неговата британска виза истекла минатиот месец.
Интернет страницата „Јнет“, која што припаѓа на најпродаваниот израелски дневен весник „Једиот Ахаранот“, објавила дека Абрамович, кој е Евреин, во понеделникот слетал во Тел Авив и ги примил документите кои го потврдуваат неговиот статус на израелски државјанин.
Израел доделува државјанство на секој Евреин кој сака да се всели, а пасош може да се издаде веднаш. Со израелски пасош може да се влезе во Британија без виза, за краток престој, но виза е потребна доколку личноста сака да работи во земјата.
Односите меѓу Лондон и Москва се сметаат за дополнително затегнати од случајот со труењето на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал. Британија прст впери во Русија, која негира каква била вмешаност.
Инаку Абрамович редовно го посетувал Израел, а медиумите пренесуваат дека во стариот кварт на Тел Авив, во близина на морето, рускиот бизнисмен купил поранешен хотел.
Абрамович има филантропски однос кон таа земја, како и кон еврејската заедница во Русија. Тој е добитник на специјална награда на Федерацијата на еврејски заедници на Русија поради што во последните 20 години донирал над 500 милиони долари за потребите на Евреите во Израел и во Русија.
Би-би-си пак бележи дека 51-годишниот Абрамовиќ ќе биде најбогат човек во Израел.