Абортусот како вечна тема и дилема

По кампањата на минатата влада која во 2013.година донесе рестриктивен закон за абортус, во која беа користени слогани како „Избери живот” и реченици како „Честитам, убивте здраво бебе ...“, наскоро, отпочнува кампањата за новиот закон со кој се укинуваат административните пречки и се воведува медикаментозниот абортус. Дебатите за абортусот, како и за сите важни прашања со морален предзнак, се одвиваат континуирано и со несмален интензитет со децении наназад.

217

Во голем број на земји во светот абортусот како метод за прекин на бременоста, е сѐ уште табу тема, додека пак во други абортусот сѐ уште се користи како контрацепција и контрола на раѓањата.

Секако, абортусот е секогаш проследен со многу физички, емоционални и психички последици за една жена па додека некои сметаат дека секоја жена треба да има право на слободен избор, на сигурен и легален абортус и целосна информираност за процедурата, други сметаат дека треба да ѝ се даде време да размисли. Во праксата пак, има најразлични примери.

Од една сега веќе возрасна жена од соседството, честопати го слушавме советот, „девојчиња, бидете паметни, немојте да ве снајде некоја белја. Јас бев мажена и имав три ќерки, а сега сум среќна затоа што мажот ми ме спречи да одам во болница и да абортирам – како ќе го имав син ми инаку. Сега ми е тој најголемата потпора во животот“, ни велеше таа.

Друга жена, сега веќе во 50.тите години, ми раскажа дека никогаш не заборавила на абортусот кој го направила откако родила веќе едно дете, бидејќи во тој период биле во лоша финансиска состојба. „Никогаш не заборавив и секогаш си мислев дека можеби не требаше да го направам тоа, ќе се снајдевме, а мојот син немаше да биде сам“.

Од друга страна, сѐ уште го паметиме случајот на жената која со мртов плод во себе мораше да чека дури една недела, додека да ѝ биде одобрен абортус поради рестриктивниот закон кој го донесе претходната влада.

Од „Хера“ велат дека во првата година од донесувањето на овој закон во 2013.година, имало повеќе случаи на жени кои со мртов плод во себе морале да чекаат не три, туку 5, 6, па и 7 дена, затоа што докторите се плашеле дека ќе бидат казнети со оние предвидени драконски казни од 50 илјади евра.

Голем број на жени чувствуваат олеснување по абортусот, а секој абортус е приказна за себе, па затоа и жената е токму онаа која треба да ја донесе одлуката.

Повеќе за ова на порталот „Мајка и дете“.

Фото: Pixabey

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...