Шимшировиот молец го нападнал и Водно, доцна е за прскање

Оваа година е доцна да се третира против овој инсект, потребно да се следи состојбата и наредната година, кога временските услови ќе бидат оптимални, доколку има потреба да се интервенира преку авионско прскање со посебни препарати, сметаат стручни лица од Шумарскиот факултет во Скопје.

4247

Град Скопје утврдил дека шимшировиот молец кој втора година ја напаѓа Матка и околината, ја нападнал и планината Водно.

– Стручните лица на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве беа на терен каде ја детектираа појавата на гасеницата, т.н. молец на зеленика (cydalima perspectalis walker) во парк-шумата Водно и дел од Сарај, која има штетен ефект на дрвјата. По консултации со стручни лица од Шумарскиот факултет, констатирано е дека оваа година е доцна да се третира против овој инсект, дека е потребно да се следи состојбата и наредната година, кога временските услови ќе бидат оптимални, доколку има потреба да се интервенира преку авионско прскање со посебни препарати – велат од Градот за Плусинфо.

Оттаму најавуваат дека наредната година Градот Скопје во својата програма за дезинсекција ќе ја додаде и ставката за третирање на оваа гасеница, која доколку повторно се појави ќе се третира.

Изминативе години појавата на оваа гасеница е евидентирана во повеќе држави во регионот.

Во врска со прскањето против возрасните форми на комарци, како и против ларвите од комарци, од Градот велат дека согласно програмата за дезинсекција, Градот Скопје секоја година извршува поголем број на наврати на земјено (терестрично) и авионско прскање на подрачјето на целата територија на Град Скопје, а со тоа и во Сарај.

– Согласно оваа Програма, Градот Скопје го третира подрачјето на градот само против комарци (ларви и возрасни) и нема предвидено третирање за друго форми за инсекти, а за дел од нив ингеренции имаат и самите општини – додаваат од Градот.

Плусинфо објави дека втора година по ред, во август месец, на Матка и околните села во големи јата се појавуваат бели пеперутки со кафени рабови, познати како шимширови молци. Жителите се жалат дека навечер не можат да седат на тераса ниту во двор поради наездата од пеперутки кои кружат околу вклучените светилки.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...