Чавушоглу: ЕУ треба да престане да ја залажува Турција за помошта на мигрантите

Чавушоглу кажа дека Турција и ЕУ ќе работат на „ажурирањето“ на наведениот договор во согласност со најновиот развој на настаните, вклучувајќи ја и ситуацијата во провинцијата Идлиб

90

Европската унија треба да престане да ја залажува Турција околу давањето помош за милионите мигранти на нејзина територија, изјави денеска шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу.

Еден ден откако двете страни се договорија да го разгледаат четири години стариот договор, со цел да се запре новиот прилив на мигранти кон Европа, Чавушоглу кажа дека ЕУ мора да преземе „искрени чекори“ за да и помогне на Турција да се избори со приливот на мигранти, што вклучува изнаоѓање начин да се осигура враќањето на сириските бегалци во нивната татковина.

– Ние сме подготвени за конструктивно истражување….Очекуваме искреност од ЕУ. Ерата на залажувања на Турција е завршена – рече Чавушоглу за турската државна агенција Анадолија.

Чавушоглу кажа дека Турција и ЕУ ќе работат на „ажурирањето“ на наведениот договор во согласност со најновиот развој на настаните, вклучувајќи ја и ситуацијата во провинцијата Идлиб.

Тој додаде дека во договорот од 2016 година не станува збор за тоа дека ЕУ и дава пари на Турција за да ги задржи бегалците.

– Тој се состои од неколку прашања, од патувања без визи до обезбедување на доброволно враќање на бегалците – наведе тој.

Турскиот министер за надворешни работи додаде дека неговата земја и ЕУ ќе се обидат да направат нацрт „ акциски план“ пред самитот на ЕУ закажан за 26 март.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...