Тачи ѝ постави услов на Србија

1563

Косовскиот претседател Хашим Тачи по денешната средба со специјалните претставници на францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, изрази разочарување од односот на Европската унија кон Косово и порача дека, сé додека не се укинат визите за косовските граѓани, нема да седне да преговара со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи им се на новинарите по средбата во неговиот кабинет, Тачи изјави дека гостите од Франција и Германија воопшто не би ја отвориле темата за визна либерализација за Косово доколку тој не го сторел тоа.

– Штотуку одржав средба со пратениците на канцеларката Меркел и претседателот Макрон. Разговаравме за последниот развој на настаните во Косово и во Западен Балкан, за актуелностите, но и за перспективите. Од друга страна, сакам да кажам дека и денеска не се слушна ништо за визната либерализација и да не ја отворев јас темата воопшто немаше да стане збор за тоа. Ова е големо разочарување со оглед дека веќе неколку години ЕУ изразува готовност да го стори тоа – изјави Тачи.

Тој нагласи дека неисполнувањето на ветувањата на Брисел за визна либерализација претставува „неправда и стратешка грешка“ во однос на Косово, со оглед дека Косово ги исполни сите критериуми кои му беа зададени.

Косовскиот претседател исто така изрази сомневање во капацитетите на Брисел да го води дијалогот меѓу Приштина и Белград.

– Мојот став е јасен. Европската унија треба да е брза во донесувањето одлука за визна либерализација за Косово, потоа да размисли дали има капацитет за да го води напред дијалогот. Од тоа што јас го гледам, ЕУ е сосема неподготвена за вториот дел. Сé додека не се случи визната либерализација јас не седнувам на дијалог во Брисел – порача Тачи.

Советниците на Меркел и Макрон, Јан Хекер и Емануел Боне, денеска престојуваат во официјална посета на Приштина, а пред да се сретнат со Тачи беа примени и од премиерот Албин Курти.

Според приштинските медиуми, цел на нивната посета е да го пренесат барањето до косовските власти за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, како предуслов за да се одблокираат преговорите со Белград за постигнување конечен договор за решавање на споровите меѓу двете држави.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...