Итно довршување на постапката за измени на Законот за домување бараат невладиниот сектор и управителите. Тврдат дека работната група која работела на измените со месеци не е состаната. Од квалитетот на овие законски решенија, велат тие, се засегнати стотици илјади луѓе, а интересот на јавната администрација и институциите е маргинален. Од Министерството за транспорт и врски, пак, велат дека се чека мислењето од Министерството за труд и социјална политика дали социјалното домување ќе се регулира со овој закон или со посебен.
Васе Самараков од Групацијата за домување во Стопанската комора вели дека во основа нивните забелешки се однесуваат на деловите од законот кои се однесуваат на заштитата на граѓаните и корисниците на услугите, обврските и инспекциските мерки.
– Нашите предлози се однесуваат на подобрување на законското решение во деловите каде што не се доволно јасни определбите и предизвикуваат нејаснотии, односно има двојни решенија што во практиката предизвикува проблеми – вели Самараков.
Од Здружението за хумано живеење „Хабитат“ велат дека подолг период бараат измени на Законот за домување за да се подобри содржински и да се решат низа проблеми што се воочени во досегашната примена. Последното било во 2017 година кога имале неколку директни состаноци со актуелниот министер.
– До сега поднесовме две иницијативи до Министерството за транспорт и врски со кои предлагаме содржинско подобрување, но и концепциски да се определиме дали проблематиката за домување ќе се регулира со еден или два закона. Ние предлагаме да се регулира со два закона – Закон за домување и Закон за управување и одржување на згради – велат од „Хабитат“.
За да се надмине состојбата според која над 40 отсто од зградите во земјава не се управувани, „Хабитат“ предлага да се воведе институт привремен управител што ќе го назначуваат општините со посебен акт. Според оваа граѓанска организација, потребно е утврдување и на критериумите за назначување управители на новоградби, како и промена на критериумите која зграда може да назначи управител. Тука, пред сѐ, се мисли на критериумот бројност и сопственост на станови.
Се бара исто така изедначување на лиценцирани управители и заедници на сопственици во своите права и обврски, а се нуди и решение со кое би се отстранила можноста за блокада на донесување одлуки за одржување кога собирот на станари нема кворум.
Во иницијативата исто така се предлага допрецизирање на законското решение во однос на толкувањето која е намената на тековниот и резервниот фонд. При тоа се предлага да се обезбеди поголема транспарентност во располагањето со парите на сопствениците на становите, односно нивен директен пристап до информациите за состојбата на сметките на тековниот и резервниот фонд.
„Хабитат“ бара да се разрешат и финансиските проблеми со кои се соочуваат управителите кога одделни сопственици на станови не ги плаќаат сметките, како и да се обезбеди рамноправен третман на обврската за плаќање на надоместокот за електрична енергија со другите слични заеднички обврски.
Исто така се бара решение и на неусогласено управување на посебни влезови од станбена зграда кое пак им создава низа проблеми на управителите, но се бара и ефикасен инспекциски надзор.
– Предлагаме Законот да се дополни и со обврската за одржување на земјиштето под и околу станбената зграда, да се зголемат надлежности на локалната самоуправа над одржувањето на станбените згради, да се води грижа за лица со посебни потреби во рамки на одржувањето и управувањето со станбените згради, како и да се воведе задолжително осигурување на заеднички делови на станбена зграда – додаваат од „Хабитат“.
Од Министерството за транспорт и врски кое работи на подготовка на измените на Законот за домување тврдат дека нема посебен застој во работата на работната група.
– Се чека Министерството за труд и социјална политика да се изјасни дали ќе има посебен закон за регулирање на социјалното домување или ова прашање ќе се регулира во Законот за домување. Потоа ќе продолжи работата на групата – велат од Министерството.
Целиот процес ќе се забрза, велат од Министерството, по завршувањето на претседателските избори.