Во Кина нови 508 заразени од коронавирус, во Рим итен состанок

435
FOTO MIA

Во Кина во текот на вчерашниот ден има 508 новопотврдени случаи на заразени од коронавирус. Вкупниот број потврдени случаи во континентална Кина изнесува 77.658, објави денеска Националната комисија за здравство на земјата.

Бројот на починати, според најновите податоци, е 2.663 лица.

Во Јапонија, пак, од новиот коронавирус, наречен Ковид-19, почина четвртиот патник од бродот „Дајмонд принцес“, објави телевизијата НХК, додавајќи дека починатиот имал 80 години.

Јапонскиот министер за здравство Кацунобу Като, сепак, изјави дека сѐ уште е рано да се зборува за откажување на летните олимписки игри во Токио, кои почнуваат на 24 јули.

Јужна Кореја пријави 60 нови случаи на коронавирус, со што е зголемен вкупниот број на заразени лица во земјата на 893, соопшти Корејскиот центар за контрола и превенција на болести.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој е во посета на Индија, синоќа изјави дека новиот коронавирус во САД е под контрола.

„Коронавирусот во САД е под голема контрола. Во контакт сме со сите и со сите релевантни земји. Центарот за контрола и превенција од болести и СЗО работеа напорно и посветено“, напиша Трамп на Твитер.

Тој наведе и дека „берзата сега изгледа добро“.

Белата куќа вчера побара од Конгресот да одобри 2,5 милијарди долари за борба против новиот коронавирус. Од тие средства над една милијарда долари се предвидени за развој на вакцина.

Во Рим денеска ќе се одржи состанок на министрите за здравство на Италија, Словенија, Австрија, Германија, Франција и Швајцарија посветен на сузбивање на новиот коронавирус.

Во Италија повеќе од 220 лица се заразени со новиот коронавирус, додека седум починаа. Тоа е најголем број на случаи надвор од Азија.

Канцеларот на Австрија, Себастијан Курц претходно најави мерки на превенција, меѓу кои и предупредување за граѓаните да не патуваат во соседна Италија.

Додека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека Хрватска е подготвена за сите мерки што треба да ги преземе за да го превенира ширењето на новиот коронавирус, вклучително и координација на активностите со италијанската Влада.

Во меѓувреме премиерот на Словенија, Марјан Шарец изјави дека е подготвен и да ги затвори границите доколку се зголеми ризикот од новиот коронавирус.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...