Финале на јубилејниот Таксират

Утре, градот убав ќе го затресе најзначајниот настан на Таксират, финалната вечер со повеќе од 10 музички ѕвезди и рекордна посетеност.

197

Утре, сабота (8. декември) во Скопје ќе се одржи финалната вечер на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ кој го слави својот голем 20-ти јубилеј. За првпат овој фестивал се одржува во Арена „Борис Трајковски“, целосно трансформирана за да ги пречека над десетте славни музички имиња на дури три бини и со илјадници посетители. Влезот за посетителите ќе биде отворен во 19:00 часот, а почетокот на маратонската осумчасовната музичка програма е закажан во 20 часот.

На главната бина на ТАКСИРАТ, за првпат македонската публика ќе има прилика да ги погледне настапите на eден од најпосакуваните бендови на современата сцена, шведската инди-рок група MANDO DIAO и легендарниот австралиски drum’n’bass феномен PENDULUM кој доаѓа со својот фуриозен диџејски сет. Покрај нив, светски концерт каков што не сме навикнати да очекуваме од македонски изведувачи, подготвуваат нашите металкор легенди SMUT, а главната бина ќе ги пречека и славните изведувачи познати по своите незаборавни настапи NOUVELLE VAGUE, ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ, THERAPY и Културно Уметнички Работници.

На втората бина, во малата сала на Арена „Борис Трајковски“, премиерно кај нас ќе настапи апсолутниот светски битбокс шампион RAHZEL придружуван од славниот скреч-тандем The X-Ecutioners, како и домашните водечки имиња кога се урбаните журки во прашање SAF Sound System и Trap Da Fuck Up!

SILENT DISCO, третата бина на ТАКСИРАТ е подготвена за повеќечасовни сетови на три диџејски пулта во исто време резервирани за актуелна екипа која владее со скопските подиуми, Скопски Грув, Oubli и Шурбе.

Пред големата финална прослава, вечерва е и поледниот настан од офф-програмата на Таксират 20, најдругарскиот ЛУЗЕР ФЕСТ кој го става акцентот на најновите домашни имиња кои допрва ќе ја освојуваат музичката сцена. Во МКЦ како финалисти на овој настан ќе настапат Halfgod од Кичево, Reinconnected од Охрид, Дактили од Струмица и скопските Fiction, Thyme и Iyah. Специјални гости со настап за промоција на нивниот албум-првенец се ланските победници Conspiracy! Билетите со симболична цена од 100 денари се достапни само на билетарница МКЦ, а истите воедно се и гласачко ливче со кои публиката заедно со гласовите од жирито ќе го одбере новиот победник на ЛУЗЕР ФЕСТ.
Одбележувањето на 20-тиот јубилеј започна со концерт на Kraftwerk во февруари, потоа ги видовме Laibach, Gogol Bordello, Manu Caho, Inner Circle, Akua Naru, Peter Bence, Lord Of The Dance во Скопје и само во изминативе 7 дена повеќе од 30 концертни настапи во официјалната програма која започна со ПИН музичката конференција и тоа со најуспешното издание досега на кое Скопје беше местото за поврзување на  европската музичка индустрија. И веќе имаме концерти кои со сигурност се запишуваат во мемоарите на музичките вљубеници, но и на култните изведувачи, како историски моменти, а меѓу нив Д-Р НЕЛЕ КАРАЈЛИЌ, СТРАЈК, КИБОРГ, AT THE GATES, РАМБО АМАДЕУС со дури два распродадени настапи и последниот во низата, вчерашниот феноменален настап на КИБОРГ!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...