Музејот на современата уметност – Скопје на 6 октомври, сабота, програмски ќе се вклучи во 14-тата по ред 24-часовна манифестација „Бела ноќ“, која ја организира Младинскиот културен центар и Градот Скопје.
Белата ноќ во МСУ ќе започне во 20 часот, со проекција на филмот “Метеори” (Холандија/Турција, 2017, 84 мин.) на Ѓурчан Келтек. Овој филм е добитник на неколку престижни филмски награди, вклучувајќи и номинација за најдобар филм за 2018 година од Европската Филмска Академија.
Бела ноќ ќе продолжи во 21:30 часот со електроакустичен концерт за пијано и трака “Градот убав и градот шугав – Свита за Скопје”, на Дуња Иванова, по музика на Ана Пандевска. “Свита за Скопје” е фузија на повеќе стилови кои ја отсликуваат музичката приказна на градот Скопје.
Во 23:30 часот програмата ќе заврши со аудио-визуелен перформанс “SCATTER_RADAR”, на Сашо Пуцковски, кој е дел од овогодинешното прво издание на Skopje Light Art District. Перформансот го испитува односот помеѓу просторното и сензорното внимание на публиката.
Освен овие три посебни програмски компоненти, за време на „Бела ноќ“, посетителите на Музејот на современата уметност – Скопје ќе можат да ги видат сите изложби до 24 часот, и тоа: “Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели”, изложбата на хрватскиот уметник Владимир Фрелих “BLACK RAW MEMORY” и “Графичката колекција на МСУ”.
Влезот на сите настани во Музејот, кој е партнер на Бела ноќ 2018, ќе биде бесплатен.