Градоначалникот Петре Шилегов, на наредната седница на градскиот Совет, ќе предложи 2020 да биде прогласена за година на Славко Јаневски, во чест на стогодишнината од раѓањетоа на познатиот писател, кој е автор на првиот роман на стандарден македонски јазик.
„Ова е само еден доказ дека град Скопје се грижи и ги вреднува нашите вистински вредности. Во текот на целата година, градот ќе организира и ќе поддржува низа активности во чест на овој наш голем творец. Меѓу другото, предвидена е голема изложба за ликот и делото на Јаневски, поддршка на реиздавањето на неговите дела и именување на улица, а еден од скопските ѕидови ќе го краси мурал во негова чест“, се посочува во соопштението од град Скопје.
Активностите за одбележување на овој голем јубилеј започнуваат од денеска со поетското читање насловено „Произведувачи на зборот“ во Културно информативниот центар.