Лидерот на палестинската исламска организација Хамас, Исмаил Ханија, денеска оцени дека покренувањето обвинение за корупција против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го крева моралот на палестинскиот народ.
Обраќајќи им се на новинарите во градот Рафа, во појасот Газа, Ханија изјави дека станува збор за сериозни обвинувања кои претставуваат знак за „поголемата постојаност“ на Палестинците, пренесоа американските медиуми.
Тој додаде дека обвинувањето поттикнува и на поголем отпор „ како народен, така и вооружен“.
Израелскиот државен обвинител во четвртокот сооопшти дека е покренато обвинение против Нетанјаху за измама, злоупотреба на довербата и примање поткуп.
Нетанјаху е првиот израелски премиер кому му е покренато обвинение за некакво кривично дело додека е на функцијата.