Протоколот за НАТО помина во Сенатот на САД по брза постапка, само двајца беа против

66

Американскиот Сенат вечерва со 91 глас „за“ и два против ја усвои Резолуцијата за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.

Претходно сенаторите гласаа Протоколот да се донесе по скратена постапка, што беше поддржано од 84 сенатори, а двајца беа против.

– Честитки! Нашиот НАТО Протокол е ратификуван во Сенатот на САД со 91 глас „за” и само два гласа „против“  напиша на Фејсбук министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

САД се 25-тата членка на НАТО што го ратификува Протоколот за пристапување на земјава во Северноатлантската алијанса.

Очекувањата се дека Протоколот наскоро ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки и со тоа приемот на земјава ќе може да се официјализира пред Самитот на Алијансата закажан за 3 и 4 декември во Лондон.

Засега неизвесно е дали тоа пред Самитот ќе се случи во шпанскиот Парламент. Двата дома на Парламентот се распуштени. Изборите се закажани за 10 ноември, а доколку се помине како што треба новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември.

Протоколот треба да се комплетира и во Франција, каде помина во Сенатот, а сега за него треба да се гласа и во Националното собрание. Процесот треба да заврши и во Холандија и Исланд.

Земјите-членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји сојузници во Алијансата, Северна Македонија и официјално ќе стане полноправна членка

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...