Младинскиот светски џез-оркестар (JM World Jazz Orchestra), предводен од американскиот диригент Луис Бонила, вечер ќе гостува на „Скопско лето“ со концерт во Сули ан од 22 часот. Дирекцијата за култура и уметност-Скопје го организира концертот во соработка со Музичката младина на Македонија.
Тоа е прв интернационален младински џез-оркестар во светот составен од 18 млади професионални џез-музичари избрани преку отворени глобални аудиции. Бендот работи со најдобри диригенти, уметници и композитори во светот и годишно оди на турнеја, појавувајќи се на престижни европски сцени и џез-фестивали.
Во рамки на нивната седма европска турнеја, овој месец тие музицираат на Балканот. Претставувајќи 12 земји, младите музичари ќе ги посетат Македонија, Бугарија, Хрватска и Словенија.
Младинскиот светски џез-оркестар е формиран во 2012 година од ЈМ Интернешнал – мрежа од невладини организации за музика за млади. Оркестарот работел со познати интернационални џез-артисти како Гонзало Рубалкаба, Џон Рајли, Хектор Мартигнон, Карлхајнц Монтро и Сиги Фигл. Има настапи на масовни концерти и џез-фестивали, вклучувајќи ги Монтро џез-фестивал, Џез-фестивалот Северно Море и Уникредит Павилјонот на Милано.
Диригентот Луис Бонила, кој го предводи мултинационалниот оркестар, е меѓународно признат тромбонист, композитор и едукатор од САД.
Бил член на џез-оркестарот Вангард, Афролатискиот џез-оркестар под водство на Артуро О’Фарил, Мингус биг бенд и во Брес фантазијата на Даглас.
Како член на оркестар, Бонила има работено со Меккој Тинер, Дизи Гилепси, Том Харел, Фреди Хабард, Аструд Гилберто, Вили Колон и Тошико Акијоши, а во поп-музиката, пак, има снимено и бил на турнеја со многу ѕвезди, како Тони Бенет, Алехандро Санз, Дајана Рос, Марк Ентони, Ла Индија, Мери Џеј Блиџ и со Фил Колинс – на неговите турнеи во Европа и Латинска Америка.
Луис Бонила е и музички едукатор и работел на Универзитетот Темпл, Училиштето за музика Менхетн и Конзерваториумот Њу Ингланд.