Кога златото раскажува своја приказна

Во семејниот бизнис на Елза и Енди Аџија страста за накитот се пренесува генерациски. Приказната за нивната златарска продавница „Адор голд“ започнала од 1978 година, кога таткото на Енди ја основал фирмата.

1124

Тоа што „Адор голд“ го прави поразличен од конкурентните марки за златен накит е во традиционалноста, иновативноста и уметноста вткаена во секое парче накит кое светка од нивните полици.

Во семејниот бизнис на Елза и Енди Аџија страста за накитот се пренесува генерациски. Приказната за нивната златарска продавница „Адор голд“ започнала од 1978 година, кога Фикрет, таткото на Енди, ја основал фирмата. Освен занаетчиските тајни, тој му ја пренел на синот и љубовта кон златарството.

– Од него научив дека секое парче накит има своја убавина, своја приказна и своја посебност. Израснав со златарскиот занает, имам чувство дека со овој занает сум роден – вели Енди Аџија.

Оваа златарница со душа, сместена во срцето на Старата скопска чаршија, преку накитот покажува дека традиционалноста, иновативноста и уметноста треба да бидат рамномерно застапени. Според оваа девиза семејството Аџија го води својот бизнис.
Госпоѓа Елза нѐ потсетува дека во изработката и продажбата на накит не може да се следи еден стил, туку треба да се одговори на вкусот на купувачите. И дека за секој купувач постои тоа совршено парче накит.

– Накитот е дел од многу ритуали и традиции, а тие традиции колку и да се стари, сепак, се и многу модерни. Во сите овие случувања неизбежно е впечатливото парче накит – вели Елза.

Но, како што накитот знае да биде значаен дел од убавите денови, така може да биде и сведок на некои непријатни настани.

– Кога бурмите или прстените доаѓаат осамени, тогаш воопшто не се убави, како што не се убави ни спомените што се поврзани со нив. Но за среќа, таквите моменти се многу поретки во однос на оние, убавите. А посебно ни се драги миговите кога некој татко нетрпеливо чека да му го изгравираме накитот со името на новородениот член на семејството, или за да ја изненади сопругата, а и кога среќни баба и дедо купуваат подарок за нивниот внук кој матурирал или се вработил – ни раскажува Енди Аџија.

Елза е многу внимателна во изборот на моделите накит кои се продаваат во „Адор голд“. Во нејзиниот избор не се пресудни само актуелните модни трендови туку и разбирањето за различните вкусови на клиентите.

– Мора да имаме накит за различни вкусови. Па така, имаме од поедноставни парчиња кои не краваат „врева“, до парчиња кои привлекуваат многу внимание уште на прв поглед – вели Аџија.

Кај нив купуваат и домашни и странци, и стари и млади, голем е кругот на нивните пријатели. А доколку сте пред избор на соодветно парче накит за вашиот важен настан или за секојдневна пригода, госпоѓа Елза ќе ве советува дека трендовски се златнорозовите парчиња накит, комбинациите од три бои на злато, како и предимензионираните, односно, повидливи парчиња накит.

– Наместо цел комплет од секојдневни парчиња накит, за летната сезона се актуелни помасивните прстени или обетки кои ќе го надополнат модниот изглед – вели Елза.

Инаку, во последниве сезони, златниот накит се врати на „голема врата“ на модната сцена во Македонија, а интересот за трендовски златни парчиња накит, и кај нас, го следи светскиот тренд.

– Ако ги погледнете фотографиите на Лила Филиповска ќе видите колку модерниот накит може да го надополни изгледот на една современа жена – забележува Енди.

Но, не е само до стилот, има и многу нешто во внесената љубов во изработката.

– Кога изработуваме една бурма, на пример, се обидуваме таа да биде поразлична од сите останати, зашто сметаме дека секоја љубовна приказна е сама за себе посебна, па таква и треба да биде таа бурма, посебна. Истото важи и за останатите парчиња накит – вели Елза.

Семејството Аџија се надева дека златарскиот занает, како еден од најстарите занаети кој опстанал со векови, има убава иднина кај нас.

 

(промотивен текст)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...