„Кадора“ – оттука излегуваат мали уметнички дела за носење

Носејќи креација на „Кадора“, жената ќе биде единствена и посебна, поразлична од сите други. Кројот треба да ја следи силуетата. Треба да се остави впечаток на силна и доминатна жена.

1032

Во центарот на Скопје, зад зградата на Созујот на синдикати на Македонија (ССМ), од неодамна се отвори едно многу посебно модно студио кое пулсира во духот на елеганцијата. Се вика „Кадора“, како црвената роза која со својата раскошност секогаш се издвојува од градината. Зад оваа модна марка стојат две жени кои здружено свират складно на ист инструмент, машината за шиење, создавајќи женски и нежни креации кои личат на поезија. Повозрасната госпоѓа, Сузана Темелковска, инаку мајстор на занаетот со повеќедецениска традиција, е мајката. Нејзината ќерка, Никита, вешто ги следи чекорите на врвниот мајстор во создавањето на овие мали уметнички дела за носење, внесувајќи им младешка свежина и трендовски допир.

Понесени од речиси магичната атмосфера на малото и складно модно студио, го започнуваме разговорот со овие две дами, Сузана и Никита, модни дизајнерки со префинето чувство за стил.

Од неодамна го отворивте вашиот продажен салон во Скопје, модното студио „Кадора“, нудејќи уникатни модни парчиња, на која публика ѝ се обраќате?

Никита: Им се обраќаме на сите жени од 18 до 88 години кои почитуваат уникатност во изработката, совршеност, интересен крој и пред сѐ, кои знаат да ја ценат удобноста.

Вашата модна марка „Кадора“ зад себе има 25-годишна успешна приказна. Сега, работата во дизајнирањето ја преземате и вие. Како е да се работи со мајка си, како ги споделувате обврските, кој го носи финалниот збор во креациите?

Никита: Морам да кажам дека чувството да градите и создавате и да имате можност да учите од мајка е прекрасно. Како што се вели, секој мајстор има свои тајни, па сега знам, со сигурност, дека сите ќе ми бидат пренесени. Многу добар тим сме, да не речам совршен. Усогласени, најчесто имаме исти замисли, идеи кои со помош на нејзиното долгогодишно искуство и мојот префинет вкус за мода креираме уникатни модни парчиња за жени и девојки кои заслужуваат да се чувствуваат пред сѐ, удобно и блескаво носејќи креации од „Кадора“.

Од кого, пак, таа го има научено овој занает?

Никита: Традицијата трае повеќе од еден век. Започнува со прабаба ми, кројач по професија. Како што јас, така и мајка ми има израснато покрај материјали, сингер машината, кроењето и креирањето… Се разбира, и со задоволни клиенти. Баба ми беше по професија кројач во поранешната фабрика „Киро Фетак“ во Куманово. А знаете, „Киро Фетак“ беше една од најголемите текстилни фабрики во поранешна Југославија. Имаше од кого да се учи занаетот. Па така, го пренела своето знаење на својата единствена ќерка, Сузана, односно мајка ми. Дисциплината била пресудна, немало простор за грешка, а учењето се одвивало до перфекција на дизајнот. Во 90-те години, мајка ми одлучи да ја стартува својата модна марка „Кадора“. А клиентите велат, „сѐ уште ги чуваме како парче бесценето богатство вашите креации“. Понатаму, знаењето се усовршуваше со литература, а потоа следуваше и обуката во првата генерација на дизајнерот Никола Ефтимов.

Колку време е потребно за изработка на едно впечатливо сако?

Сузана: Секое парче е своја приказна, си има своја историја на изработка, процес кој сочинува неопходи етапи… Зависи за каква креација станува збор, но би можело да се рече од една недела до две.

Како вие ја гледате деловната жена со стил? Како таа треба да биде облечена за на работното место?

Сузана: Тука сепак треба да се почитуваат правилата на бон-тонот на деловното облекување кои се, мислам, добро познати. Ги почитуваме креациите со дефинирани геометриски линии, но најважен е квалитетот на материјалот. Старото правило вели дека е подобро да се имаат неколку квалитетни парчиња облека за секоја сезона кои можат лесно да се комбинираат и така секогаш да даваат впечаток на ново.

Препорачуваме рачни изработки како везови од самата ткаенина. Жената мора да се чувствува удобно, претставително и елегантно во тоа што го носи.

Какви материјали одбирате за креациите, од каде ги нарачувате?

Никита: Предност даваме на квалитетот на материјалите, бидејќи уникатната изработка го бара тоа. Најчесто користиме свила, свилен сатен со рачни изработени детали, природни пердуви, брокат, шантун. Сето ова го набавуваме од истокот од каде што се произведуваат најквалитетни материјали кои ги користат сите светски модни куќи.

Коктел-фустанот е неопходно модно парче во гардероберот на секоја жена, за кое, некогаш вреди да се плати повеќе. Да ја направиме разликата на коктел-фустан произлезен од „машинско“ производство и оној кој е излезен од вашиот моден салон?

Сузана: Ние посебно внимание обрнуваме на коктел фустани кои ги изработуваме од свилен сатен, свила и шантун кои бараат посебен начин на изработка каде што внесуваме рачно изработени детали. Носејќи креација на „Кадора“, жената ќе биде единствена и посебна, поразлична од сите други. Кројот треба да ја следи силуетата. Треба да се остави впечаток на силна и доминатна жена.

Какви се модните трендови во невестинските фустани, а што би им препорачале на матурантките?

Никита: На сите жени и девојки, матурантки и невести, им препорачуваме да останат доследни на својот стил кој го имаат и негуваат без разлика на модните трендови. А ние пак, сме тука, да им помогнеме да го изнесат нивниот стил со единствен префинет софистициран дизајн. На матурантките би им препорачале да ја покажат нивната младост во вистинско светло да блескаат на матурската вечер и да не се плашат да бидат во центарот на вниманието, носејќи ги креациите на „Кадора“. А пак, за невестите, веруваме дека венчаницата е со сигурност највнимателно одбраниот фустан кој некогаш ќе го носи. Преферираме да изработуваме венчаници за помали коктел свадби, венчаниците да бидат едноставни по крој, а да блескаат со изработката. Па, доколку невестата е смела и стилизирана, која е во потрага по уникатна и совршена венчаница, со асиметричен крој, бело сако со изработени детали, мали коктел венчаници, тука сме да им излеземе в пресрет.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...