И Музејот на современата уметност ќе се вклучи во 14-тата „Бела ноќ“

503

Музејот на современата уметност – Скопје на 6 октомври, сабота, програмски ќе се вклучи во 14-тата по ред 24-часовна манифестација „Бела ноќ“, која ја  организира Младинскиот културен центар и Градот Скопје.

Белата ноќ во МСУ ќе започне во 20 часот, со проекција на филмот “Метеори” (Холандија/Турција, 2017, 84 мин.) на Ѓурчан Келтек. Овој филм  е добитник на неколку престижни филмски награди, вклучувајќи и номинација за најдобар филм за 2018 година од Европската Филмска Академија.

Бела ноќ ќе продолжи во 21:30 часот со електроакустичен концерт за пијано и трака “Градот убав и градот шугав – Свита за Скопје”, на Дуња Иванова, по музика на Ана Пандевска. “Свита за Скопје” е фузија на повеќе стилови кои ја отсликуваат музичката приказна на градот Скопје.

Во 23:30 часот програмата ќе заврши со аудио-визуелен перформанс “SCATTER_RADAR”, на Сашо Пуцковски, кој е дел од овогодинешното прво издание на Skopje Light Art District. Перформансот го испитува односот помеѓу просторното и сензорното внимание на публиката.

Освен овие три посебни програмски компоненти, за време на „Бела ноќ“, посетителите на Музејот на современата уметност – Скопје ќе можат да ги видат сите изложби до 24 часот, и тоа: “Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели”, изложбата на хрватскиот уметник Владимир Фрелих “BLACK RAW MEMORY” и “Графичката колекција на МСУ”.

Влезот на сите настани во Музејот, кој е партнер на Бела ноќ 2018, ќе биде бесплатен.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...