Изложба „Подарени дела од Чехословачка“ во МСУ

101

Во Музејот на современата уметност (МСУ) вечерва од 18 часот ќе биде отворена  изложбата „Подарени дела од Чехословачка“. Ќе бидат претставени 65 дела (слики, графики, скулптури и цртежи) кои се дел од оваа колекција. Повод за изложбата е 100 години од формирањето на Чехословачка. Куратор е Марика Бочварова-Плавевска.

Од МСУ наведуваат дека по повод 100-годишнината, акцентот е ставен на годината кога е формирана државата Чехословачка (1918), но не како заокружена прослава на бившата заедничка држава, бидејќи во 1993 година по мирен пат тие се разделија (Чешка и Словачка).

– Најбитно е што изложбата е предизвик за отворање на можноста за анализа на повеќе моменти. Би започнале со оние што логично се врзани за последните децении на минатиот век. Тие ги третираат социополитичките промени во Европа, години што влијаеа врз уметноста и културата генерално – наведува МСУ.

Со изложбата се одбележуваат и 50 години од Прашката пролет (1968). МСУ посочува дека Националната галерија во Прага одлучила да одвои важен дел од својата релевантна колекција (12 дела), за да ја дополни тогаш младата колекција на МСУ. Денес во неговата збирка се 265 дела од 92 автори од Чехословачка.

На отворањето на изложбата вечер во МСУ е најавено присуство и обраќања на амбасадорите на Чешка и Словачка,  Мирослав Томан и Хенрик Маркуш.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...