Драгана Ангелоски: Клиентите на DIAS во производите внесуваат дел од својот дух и стил (ГАЛЕРИЈА)

720

Среќни сме што по безмалку две години постоење, DIAS е познат меѓу луѓето, што сѐ поголем број на луѓе се приврзуваат за нашиот „custom made“ концепт и со среќни лица купуваат од нашите производи, вели Драгана Ангелоски, сопственичка на модниот бренд DIAS, кој е веќе препознатлив на македонскиот пазар по своите оригинални производи со светски дизајн и врвна изработка.

Со младата и шармантна Драгана, која е полна со енергија и идеи, зборуваме за предизвиците на младата стартап компанија која за брзо време ја освои довербата кај купувачите, особено кај оние кои ја сакаат уникатноста. А, не ја заобиколуваме ни темата за претпразничниот шопинг и предлозите што би можеле да подариме со многу вкус и стил.

По само околу година и половина присутност на македонскиот пазар, името DIAS стана препознатлив бренд. На што се должи ваквиот, брз развој?

– Позади секоја успешна приказна стои голем труд, енергија, истрајност и надминување на огромен број препреки и предизвици. Во секој случај, ние сме среќни што по безмалку две години постоење DIAS е познат меѓу луѓето, што сѐ поголем број луѓе се приврзуваат за нашиот „custom made концепт и со среќни лица купуваат од нашите производи. DIAS е резултат на една голема енергија, желба и ентузијазам кај нас, па и пошироко, да се внесе еден поинаков концепт, како во делот на продажбата, така и во делот на изработката на производите. Сакаме нашите клиенти во производите кои ги купуваат да внесат дел од својот карактер, дух и стил, затоа што секој од нас во себе носи некоја своја и единствена уникатност.

Чантите и чевлите се во фокусот на вашите колекции, кои други модни додатоци покажаа голем интерес кај купувачите?

– Во DIAS купувачите можат да купат само производи од кожа со висок квалитет. Чевлите и чантите навистина заземаат главно место во делот на продажба, но во новата продавница имаме уште голем број производи од кожа од кои купувачите може да бираат. Имаме креативни гифт сетови кои се одлични за подарок, имаме паричници, ремени, футроли за пасош, чорапи и уште многу други производи.

Предноста и единственоста на вашите производи е и во персонализирањето. Да објасниме, што точно подразбираме под персонализиран производ?

– Персонализиран производ, пред сѐ, значи производ кој има посебна уникатност, затоа што е изработен од специјална кожа, затоа што има посебна комбинација на кожи, а на него има иницијали од нечие име, порака наменета за некого и слично. Навистина сме среќни кога купувачите ќе ни пристапат со некоја интересна идеја. Ласерското гравирање на чевлите или чантите е нешто што купувачите можат да го добијат само на производите купени од DIAS.

Што е во тренд кај чевлите и чантите за сезоната зима 2018/19?

– Кога клиентите бираат, тие самите и го креираат производот, а со тоа даваат еден посебен тренд. Она што е светски тренд, клиентите можат да го видат кај готовите производи кои се изложени во нашата нова продавница. За сезоната зима 2018/19 во тренд се некои едноставни бои со интересни детали или метални аксесоари, какви што се нашите најнови чизми. Безвременски тренд е и стандардната црна кожа, надополнета со некој впечатлив детаљ. Ние обожуваме класичната црна кожа да ја комбинираме со уникатно пони крзно, тоа навистина делува премногу моќно.

Пред нас е празничниот период. Кои се фаворити – производи за подароци од вашата нова колекција?

– За празничниот период подготвивме многу интересни подароци. Имаме сетови кои купувачите, во зависност од своите потреби и можности, може да ги комбинираат. Па така, некому може да подарат сет во кој има паричник, со манжетни и пенкало или пак, ремен, со чорапи, шнола за вратоврска, пеперутка-вратоврска и слично. И кога на некој од кожните производи или на самата кутија ќе додадеме иницијали или целосно име, ќе добиеме совршен подарок.

Кои се ваши клиенти?

– Нашите клиенти се луѓе кои навистина сакаат уникатност. Луѓе кои сакаат да се издвојуваат во средината во која се наоѓаат. Имаме различни профили на луѓе и сите ни се драги, бидејќи за нас тие не се само клиенти, туку се и наши пријатели. Тоа што посебно нѐ радува е фактот што се поголем број на компании купуваат чевли за своите вработени. Луѓето сфаќаат дека вработените се лицето на една компанија, а чевлите се нешто што луѓето најпрвин го забележуваат.

Со какви предизвици се соочува една млада стартап компанија како вашата и на кои тешкотии наидува на македонскиот пазар?

– Предизвици има многу. Патот за искачување на секоја скала нагоре носи некоја нова борба. Но, сите вработени во DIAS и сите луѓе со кои блиску соработуваме се големи ентузијасти, луѓе со позитивна харизма, дух и енергија.

Кај нас сѐ повеќе се појавува, и во иднина ќе продолжи да се појавува, недостиг на луѓе стручни за оваа сфера. Дополнително, царините и нашата изолација влијае на желбата компаниите да се појават и на другите европски пазари. Како држава мора да поработиме на особена поддршка во растот и развојот на малите и средни компании, а воедно и ние луѓето кои живееме тука, повеќе да ги цениме домашните производи. Така, да речеме, во една Британија кога се појавил брендот Burberry, локалните Британци ретко се решавале да купуваат од некој друг бренд кој доаѓа однадвор. Не е воопшто лошо да го следиме нивниот пример.

Во секој случај, чекориме напред и позитивно гледаме на сите работи и се радуваме што DIAS е бренд кој го препознаваат огромен број на луѓе.

Кои се вашите планови за развој во новата година?

– Нова година, со нови планови, нови желби и идеи. Имаме голем број планови и идеи кога станува збор за развојот на нашата компанија, а во зависност од повеќе фактори зависи дали сите или само еден дел ќе реализираме. Во февруари оваа година ќе бидеме присутни на саемот на модата во Милано. Исто така, ќе бидеме присутни и на саемот за венчаници во Скопје. Ќе внесеме голем број новитети во маркетингот и во онлајн продажбата. Она што имаме да им го порачаме на купувачите е да нѐ следат, да бидат позитивни и храбри, полни со енергија и креативност и со полна енергија да му се радуваат на животот.

Продавницата DIAS се наоѓа во центарот на Скопје, на ул. Васил Главинов 1/1-7, тел. 070 567 539

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...