ЕУ ни постави сериозен услов, а СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ тераат инает

Пораката што ја испрати еврокомесарот Оливер Вархеји во врска со итната потребаа за изгласувањето на Законот за јавно обвинителство, очигледно воопшто не ги вознемири двете најголеми политички партии во земјава.

1674

Законот за јавно обвинителство може да се донесе уште утре ако СДСМ го прифати предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ, изјави портпаролот на опозициската партија, Наум Стоилковски.

Тој потсетува дека пораката што вчера ја испратил еврокомесарот Оливер Вархеји е дека земјава не може да добие датум за преговори со ЕУ во мај доколку не го донесе Законот за јавно обвинителство најдоцна до февруари, па како што додаде, единственото решение за да се запази тој рок е власта да го прифати законското решение предложено од опозицијата.

– На оваа власт воопшто не ѝ е дојдено до Законот за јавно обвинителство, а за тоа најдобро говори изјавата што минатиот септември ја даде министерката за правда Рената Дескоска. Таа тогаш истакна дека најважно било тоа што предметите се спасени и дека повеќе немало потреба да се брза за да се донесе ново законско решение за Јавно обвинителство. Тогаш прекина целата комуникација и исчезна заинтересираноста од власта да иницира нова средба за овој закон. Тоа што сега го гледаме, за жал, е посветеноста на СДСМ единствено за носење на законите за марихуана, наместо за овој важен закон од кој зависи европската иднина на државата – објаснува Стоилковски за Плусинфо.

Од СДСМ, пак, велат дека нивниот став околу изгласување на Законот за јавно обвинителство е јасен и непроменет уште од самиот почеток.

– Законот за јавно обвинителство го поддржуваме во целост, бидејќи тој е важен за државата, особено во поглед на унапредување на правдата и на правната држава. Сега се на потег останатите политички партии и тие треба на дело да покажат дека навистина се за правда и за правичност, а секако, и за интеграција на земјава во ЕУ – вели за Плусинфо, портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Од друга страна, кај политичките аналитичари владее голем оптимизам дека актуелниот пратенички состав ќе успее до февруари да седне на иста маса и дека ќе го исполни условот што го наметнува Европа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...